ТВ ЕМИСИЈА „ХИП ХОП МАГАЗИН“ на МТВ1
Во периодот од 2007 до 2010 година, на Првиот канал од Македонска Радио-Телевизија се емитуваше емисијата Хип-хоп магазин. Можноста на визуелен начин да се долови културниот аспект на хип-хопот беше дотолку позначајна не само поради тоа што за првпат на еден јавен сервис беше пласирана емисија која обработува теми од областа на поткултурите, туку и поради слободниот начин на кој тие теми беа пласирани. „Хип-Хоп Магазин“ беше динамична емисија исполнета со многубројни содржини кои беа внимателно одбрани и професионално реализирани за да го задржат вниманието на почитувачите на андерграундот. Темите презентирани во неа имаа широк опсег, но секогаш беа поврзани со хип-хопот, давајќи и’ ја онаа тежина на критичка издржаност која секогаш е проблем да му се даде на хип-хопот кога се презентира подалеку од маалските кругови. Се обработуваа најразлични теми - од Црните Пантери и Малком Екс и нивната револуционерна борба, теми за гетото и уличните банди, теми за графити и скречување, за хип-хоп облека и рецензии на рап албуми.