ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ
СЛОЖУВАЛКА (2015)
Во 2015 година екипа на Хип Хоп Македонија го реализираше македонскиот хип-хоп документарец Сложувалка. Филмот не е класичен хип-хоп документарец, туку е колаж од гледишта, искуства и идеи на поединци од македонската хип-хоп сцена, вклучувајќи интервјуа со скоро сите позначајни артисти и групи од почетокот на макрап сцената до денес. Филмот не ја документира историјата на македонскиот хип-хоп, туку на експериментален начин поттикнува прашања и отвора дискусија за сегашноста на оваа култура, споредувајќи ја со сложувалките, кај кои доаѓањето до финалната слика е процес на трпеливост, интелигенција и креативност. Премиерното прикажување се случи на скопскиот филмски фестивал Cinedays. Од страна на медиумите Сложувалка е опишан како „филм кој се стреми кон култен статус“, и како „одлична визуелизација на една култура“.
ЊУЈОРК: АЏИЛАК (2020)
Филмот се однесува на видувањето на еден претставник на хип-хопот од Македонија, кој решава да ги посети најзначајните места во Њујорк, а кои се однесуваат на хип-хопот. Филмот започнува со сцени од македонската хип-хоп и урбаната култура во Скопје и скопските клубови, а понатаму се одвива на улиците на Квинс, Харлем, Шпански Харлем, Бронкс и Бруклин. Главна цел е да се направи паралела помеѓу развојот на хип-хопот во САД и во Европа, поточно во Македонија, каде што хип-хопот се појави на почетокот од 90-тите. Овој документарец исполнет со музика од златното време на хип-хопот и слики од гетата и местата каде што се развиваше оваа култура, даваат личен приказ за градот што го доживеал авторот на филмот, кој пораснал со хип-хоп културата. Филмот е реализиран во 2020 година.