ХИП ХОП ПРЕДАВАЊА И ТРИБИНИ

Идејата за организирање на хип-хоп трибини се јави од потребата за дискусија, во живо, меѓу македонските хип-хопери. Дотогашните искуства од дискусии преку интернет форуми немаа голем ефект, бидејќи не беа сфатени сериозно – секој можеше да го напише своето мислење, без да биде демантиран во живо, со аргументи. Спојувањето на критична маса од луѓе на едно место, кои можеа да разговараат за насоките и проблемите во хип-хоп културата се покажа како добар потег и многу млади лица се едуцираа токму преку овие трибини, кои исто така имаа за цел и охрабрување на поединците да го кренат својот глас и пред поголема маса да го кажат своето мислење за одредена тема.

Од почетокот на 2006 година до денес, Хип-хоп Македонија има реализирано преку 50 трибини ширум Македонија и во странство, на најразлични теми. Најголем дел од трибините се одржуваа во Скопје (во Американскиот културен центар – American Corner, во Културниот центар Точка, во Кинотеката на Македонија, во гимназиите Јосип Броз Тито и Орце Николов итн.), но беа организирани и во Битола (во неколку наврати), Велес, Прилеп, Струга, како и во Хрватска, Србија, Бугарија и САД (во Њујорк) итн.

Своите размислувања за хип-хоп културата, членовите на Хип-хоп Македонија имаа можност да ги истакнат и во неколку високо образовни и научни институции, како на пример: во Големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет во Скопје, на Културолошките студии во Институтот за македонска литература во Скопје, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, и последната, можеби и најзначајната, во Македонската академија на науките и уметностите, кога во рамките на меѓународната научна конференизија „Популарна култура-поглед одоздола“, беше прочитан реферат за комерцијализацијата на хип-хоп културата.

Со ваквите активности, екипата на Хип-хоп Македонија го потенцираше значењето и влијанието кое хип-хопот го има во секојдневниот живот. Истовремено, предавањата во научните институции претставуваа можност за запознавање со оваа култура и на повисоко, академско ниво.