КНИГИ

Во 2005 година Александар Ковилоски и Славчо Ковилоски ја издаваат книгата „Аспекти на македонската урбана култура – Хип Хоп Македонија“ – првиот вистински уличен научно критички издржан и прифатен андерграунд медиум. Книгата, издадена во тираж од 1 000 примероци, беше комплетно распродадена преку книжарниците и преку бутлег кампања. Таа се состои од два дела: првиот е дипломскиот труд на А. Ковилоски додека, вториот е истражување на мак-рап историјата спроведено од С. Ковилоски. Книгата денес важи за едно од најдобро продаваните хип-хоп изданија во Македонија, без разлика дали станува збор за носач на звук (ЦД, винил, касета) или пишан збор (книга, списание).

Поради големиот интерес на урбаната младина за хип-хоп културата, во следните години истите автори објавија уште две книги: „Хип-хоп книга“ (2007) и „Хип-хоп речник“, заедно со Емилија Ковилоска (2008). Се работи за дела кои се надградба на правата книга и кои опфаќаат теми од широк опсег, продирајќи подлабоко во идеите кои ги носат урбаните поткултури. Во 2013 година беше објавена и книгата „Осознавање на афроамериканската култура преку уметнички форми во ХХ-от век“. Книгата ги елаборира културните и уметничките правци на афроамериканската популација во ХХ-от век, кои имаат придонесено за појавата, развојот и одржувањето на афроамериканската култура.